среда, 22 јули 2026

Националниот дата-центар станува стратегиски проект, со домашна контрола на податоците

Националниот дата-центар е еден од стратешките инфраструктурни проекти во областа на дигиталната трансформација и треба да обезбеди современа, безбедна и енергетски ефикасна инфраструктура за државните институции, граѓаните и стопанството, велат од Владата во одговорите на прашањата поставени од МКД.мк. Засега, се анализира целокупната техничка, финансиска, енергетска и организациска изводливост на проектот.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Министерството за дигитална трансформација (МДТ) најавува хибриден и мулти-клауд модел (начини на кои државата ќе ги чува податоците), со сопствен владин облак (државна дигитална платформa, каде сите институции ќе ги чуваат податоците), енкрипциски клучеви (дигитални клучеви за заклучување и отклучување на податоците) под контрола на државата и механизми за да се избегне зависност од еден странски технолошки провајдер (тој што ја обезбедува потребната технологија за работа на дата центарот). Од Министерството за енергетика (МЕРМС) велат дека потребите од електрична енергија, евентуалната изградба на нова електроенергетска инфраструктура и обезбедувањето стабилно снабдување со струја ќе се утврдуваат во законски пропишани постапки.

Националниот дата-центар е еден од стратешките инфраструктурни проекти во областа на дигиталната трансформација и треба да обезбеди современа, безбедна и енергетски ефикасна инфраструктура за државните институции, граѓаните и стопанството, велат од Владата за МКД.мк. Во оваа фаза е изработена физибилити студија која ги анализира техничката, финансиската, енергетската и организациската изводливост на проектот, како и повеќе потенцијални локации, различни модели на финансирање и управување и потребната енергетска, телекомуникациска и комунална инфраструктура.

Стратешки проект, но без конечен модел

Од Владата посочуваат дека Националниот дата-центар е замислен како модуларен и фазен проект, кој ќе може да се проширува според потребите на државата и пазарот. Центарот треба да биде основа за воспоставување владин облак (Government Cloud), консолидација на ИКТ-инфраструктурата на институциите, подобрување на сајбер-безбедноста, обезбедување континуитет во работењето на критичните државни системи и развој на напредни дигитални услуги, вклучително и решенија базирани на вештачка интелигенција.

Во следната фаза ќе се пристапи кон детално дефинирање на институционалниот модел, финансиската конструкција, моделот на сопственост и управување, како и потребната законска рамка. Сите овие прашања ќе се разгледуваат во координација со надлежните институции, експертската јавност, академската заедница и приватниот сектор, согласно најдобрите европски практики. Владата останува определена критичната дигитална инфраструктура да се развива врз принципите на дигитален суверенитет, висока сајбер безбедност, интероперабилност, енергетска ефикасност и технолошка неутралност, со цел да се избегне зависност од поединечни технологии или даватели на услуги“, велат за МКД.мк од Владата.

Владата наведува дека прашањата за институционалниот модел, сопственоста на инфраструктурата, финансирањето, управувањето, законската рамка, како и евентуалната изградба на други дата-центри и нивните локации, ќе бидат дефинирани во следната фаза од проектот.

Владата останува определена критичната дигитална инфраструктура да се развива врз принципите на дигитален суверенитет, висока сајбер безбедност, интероперабилност, енергетска ефикасност и технолошка неутралност, со цел да се избегне зависност од поединечни технологии или даватели на услуги.

Воедно, Националниот дата центар не се гледа како изолиран проект, туку како дел од пошироката визија за развој на дигиталната економија. Нашата цел е да создадеме услови Македонија да стане атрактивна дестинација за инвестиции во дигитална инфраструктура, да го поттикнеме развојот на домашната ИТ индустрија, универзитетите и истражувачките центри и да изградиме екосистем кој ќе генерира нови знаења, работни места и инвестиции“, велат од Владата.

Дата-центарот ќе троши струја колку илјадници домаќинства

Според планираното, во правата фаза, Националниот дата-центар е планирано да работи со ИТ-капацитет (компјутерска моќ и инфраструктурни ресурси) од пет мегавати (MW). Ако работи со полн капацитет, 24 часа дневно, тоа би значело околу 43,8 гигават часови (GWh) електрична енергија годишно.

Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), во 2023 година просечно трочелно домаќинство во Македонија (официјален податок од последниот Попис 2021 година) трошело околу 4.900 киловат часови (kWh) годишно. Тоа значи дека само компјутерската (ИТ) опрема во дата-центарот би трошела струја приближно колку околу 8.900 просечни македонски домаќинства. Во овие бројки не е пресметана и електрична енергија што ќе ја трошат и системите за ладење, UPS-уредите (уреди за непрекинато напојување со струја), осветлувањето и другата инфраструктура.

Од Министерството за енергетика (МЕРМС) велат дека потребите од електрична енергија, евентуалната изградба на нова електроенергетска инфраструктура и обезбедувањето стабилно снабдување со струја ќе се утврдуваат во законски пропишани постапки.

Доколку се утврди потреба од дополнителни инвестиции во електроенергетската инфраструктура, тие се реализираат согласно техничките услови и потребите за сигурно снабдување. Поставувањето нови трафостаници и далноводи ќе зависи од конечната локација, потребната приклучна моќ и техничките услови што ќе ги утврди операторот на преносниот систем. Доколку анализите покажат потреба од дополнителна инфраструктура, таа ќе биде реализирана согласно законските процедури и стандардите за сигурно функционирање на електроенергетскиот систем“, велат од МЕРМС за МКД.мк.

Што се однесува на тоа дали државата може да гарантира непречено снабдување со струја, од Министерството велат дека електроенергетскиот систем е проектиран и управуван со цел да обезбеди сигурно и стабилно снабдување на сите корисници.

Начинот на кој поединечен дата центар ќе обезбеди сопствена оперативна сигурност, вклучително и резервни системи за напојување, претставува дел од неговото техничко решение и не е во надлежност на МЕРМС“, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Кој го контролира „облакот“, ќе ги контролира податоците

Александар Стојановски, во колумна објавена на МКД.мк предупредува на ризиците од губење на дигиталниот суверенитет, посочувајќи дека контролата врз податоците не зависи само од тоа каде физички се наоѓаат серверите, туку и кој управува со технологијата, клучевите за енкрипција и клауд-инфраструктурата.

„За Скопје ова е вилушка на патот. Можете да одите по лесниот пат, да продавате земјиште, електрична енергија и даночни олеснувања на надворешни инвеститори, да добивате убави соопштенија за печатот и да станете евтина серверска соба за туѓа вештачка интелигенција. Или можете да го изберете потешкиот пат, развијте сопствени облак-оператори, вклучете универзитети, енергетски компании и локален капитал, барајте локална контрола врз критичната инфраструктура, градете регионални партнерства и не давајте го јавниот сектор на еден странски провајдер. Ако Северна Македонија сега не почне сама да ја креира оваа насока, никогаш нема да има дигитален суверенитет. Ќе влезе во новата економија не како учесник, туку како платформа. Не како сопственик на инфраструктурата, туку како закуподавач на земјиште за туѓи сервери. И ова не се однесува само на Скопје. Белград, Сараево, Подгорица, Тирана и Приштина мора да разберат, центарот за податоци не е подарок од инвеститор. Ова е нова форма на моќ. Кој го контролира облакот ги контролира податоците, компјутерите, зависноста од бизнисот и одржливоста на владата“, пишува Стојановски во колумната.

Министерството за дигитална трансформација (МДТ) најавува хибриден и мулти-клауд модел (два начини на кои државата ќе ги чува податоците), со сопствен владин облак (државна дигитална платформa каде сите институции ќе ги чуваат податоците), енкрипциски клучеви (дигитални клучеви за заклучување и отклучување на податоците) под контрола на државата и механизми за да се избегне зависност од еден странски технолошки провајдер (тој што ја обезбедува потребната технологија за работа на дата центарот).

Од Министерството тврдат дека Македонија ќе го развива Националниот дата-центар како клучен столб на дигиталната трансформација со цел критичните државни податоци и информациски системи да останат под домашна оперативна, безбедносна и правна контрола.

Тоа значи дека критичните државни податоци и најважните информациски системи треба да се чуваат и управуваат во инфраструктура над која државата има целосна оперативна, безбедносна и правна контрола. Домашната контрола не значи изолација од меѓународните технологии. Напротив, ќе се користат најсовремени глобални решенија, но под услов државата да ја задржи контролата врз локацијата на податоците, пристапот до нив, енкрипциските клучеви, безбедносните политики, архитектурата на системите, можноста за миграција кон друга платформа, кодовите за работа. Паралелно, проектот треба да создаде и домашно знаење преку обука на инженери, систем-администратори, експерти за клауд, сајбер безбедност и управување со дата-центри“, пишува во одговрите што МДТ ги испрати до МКД.мк.

Од МДТ нагласуваат дека енкрипциските клучеви за критичните државни податоци ќе бидат под контрола на државните институции, не на технолошките провајдери, а намерата не е државата да стане зависна од еден странски оператор.

Постојните одлуки на Владата ги насочуваат сите органи на државната управа да користат клауд услуги кои ги нуди МДТ во соработка со домашен партнер, а податоците се сместени на затворена инфраструктура во Македонија. И понатаму предвидениот пристап ќе биде хибриден и мулти-клауд модел. Тоа значи дека државата ќе располага со сопствен владин облак во рамки на Националниот дата центар, а странски комерцијални клауд-услуги ќе може да се користат во исклучители случаи, кога тоа е оправдано од технички, финансиски или функционални причини и со дозвола на Агенцијата за заштита на лични податоци. Различните категории на податоци ќе имаат различен режим. Најчувствителните и критичните државни податоци остануваат во домашна инфраструктура. За критичните државни податоци, енкрипциските клучеви треба да бидат под контрола на државата, односно на овластените институции. Ќе се применуваат модели како customer-managed keys или bring your own key, при што институцијата или централниот државен орган ги создава, чува и управува клучевите. Клучевите треба да се чуваат во високо обезбедени системи за управување со криптографски клучеви, вклучително и специјализирани хардверски безбедносни модули. Пристапот ќе биде строго ограничен, евидентиран и предмет на повеќестепена авторизација“, тврдат од МДТ.

Од Министерството уверуваат дека избегнувањето зависност од еден производител или провајдер ќе биде вградено уште во техничката архитектура и во постапките за набавка.

Тоа ќе се постигне преку отворени стандарди и преносливи формати, интероперабилност, контејнеризација и виртуелизација, договорна обврска за излез, како и мулти-вендор архитектура. Основниот принцип е едноставен, технологијата треба да ѝ служи на државата, а не државата да стане трајно зависна од една технологија или компанија“, велат од МДТ.

Искра Опетческа

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ